Во општина Карпош се реновираат улици и тротоари.
Можеби и некако по инерција секој зафат на општините се прифаќа како добра работа, но како некој што вози со точак по тие тротоари баш ми е чудно зошто целиот тој појас се прекопува и се ставаат бекатон плочки. Факт, имаше делови (кај канал на пример) каде што асфалтот беше целосно уништен, но тие може да се преасфалтираат. Делот од канал до нерези имаше само 2 дупки.
Но, ајде, ново е, нека. Сепак вчера имав прилика да одам по еден од новите тротоари и ова е тоа што го забележав:
На работ од тротоарот луѓето од оптштината не ставаат ивичници, туку некој траљав бетон. Видеото не е баш квалитетно, но секако ќе ја видите разликата меѓу новиот и некој постар дел од слична патека која е веднаш до главните тротоарите. Очигледно, општината знае како правилно се редат вакви коцки.
Зошто овие ги прави килаво?
Нови тротоари во Карпош 24.10.09
Posted by Новица at 24.10.09 0 comments
Моите 2 денари за „Форум Скопје“ 14.6.09
Деновиве се одржа вториот по ред „Форум Скопје“.
Не бев присутен на сите вечери, туку само вчера (сабота) и завчера па моите впечатоци овде се само од тие два дена.
Општиот впечаток ми е дека на форумот недостасуваше опзиција. Сите присутни, вклучувајќи ги и гостите од странство кои се искажаа на темата „Скопје“, беа на иста линија во врска со сета нова архитектура и споменици кои се градат во градов - дека тоа не е добро, не е убава архитектура, дека е нетранспаренто и сл. Недостасуваше некој од оние што се одговорни за сета градба да каже како и зошто мисли (а според тоа и спроведува) на таков начин. Недостасуваше некој што ако ништо друго барем се сложува со ова што се гради и начинот на кој тоа се прави. Освен еден испад дека Лумикс личи на змија што е симбол на злото и оттука треба црква до него што е симбол на доброто и некаков повик за македонска гордост други реакции на „одбрана“ немаше. На крајот и модераторката на настанот искажа жалење за ваквата ситуација. Но, и недостатокот на опозиција на форумот сепак носи своја порака, а тоа е дека на одговорните лица веројатно не им е многу гајле за тоа што некој таму дебатира. Се разбира, ова за нас отвара прашање поврзани со отвореноста, демократичноста и транспарентноста на овие процеси, но ми се чини дека тоа не се нови прашања исто како што не е ни недостатоткот на дијалог.
Јас учествував со две забелешки. Во петокот беше отворено прашањето за консензус од страна на еден архитект од Италија. Во неговото обраќање тој објасни дека градежни апсурди се случуваат и во Италија, но Берлускони, кој владее популистички, ја има поддршката од граѓаните и таму постои консензус во врска со тие проекти. Се разбира има некои обични луѓе и архитекти кои се против, но нивниот број е незначаен. На крај, тој постави прашање дали има консензус во Македонија.
Откако никој не одговори, јас се јавив со коментар дека според владата и мнозинството граѓани консензус е постигнат и кај нас (конкретно за градбата на црквата на плоштад). Владеачката партија го црпи своето одобрение од изборите кои ги доби со масивна победа, а во програмата за тие избори има црква на плоштадот. Се разбира и кај нас има луѓе кои што не мислат дека тоа е добра идеја, но паралелата со Италија е премногу очигледна и неизбежна.
Вчера, посебен впечаток ми остави презентацијата на Елизабета Аврамовска која е професор по ликовна уметност. Таа преку примери од други градови се обиде да објасни дека на други места се гради со некаков концепт, со некаква идеја и дека градбите на крајот носат некаква порака. Нејзината поента беше дека тоа не е случајот кај нас. Присетувајќи се на една изјава на Небојша Вилиќ, реков дека очигледно пости некаква идеја зад објектите кои се градат. Плоштадот на кој доминираа поштата и телекомот, важни симболи на комуникација особено во пред-интернет времето, и трговскиот центар и стоковната куќа кои може да се гледаат како некакви центри за конзумеризам, а градската кафана и сите кафулиња за хедонизам, се изменува и сега таму ќе има нови симболи „ на општественото уредување на Кралството на СХС или, подоцна, Кралството на Југославија значи (воз)обновување на нејзините три столба: војската, капиталот и религијата“.
И овде го имаме прашањето за тоа дали на мнозинството тоа му се допаѓа или не, и што можат да прават оние на кои не им се допаѓа, што ме враќа назад на прашањето за непостоење на дијалоги и транспарентност во процесите, и тоа како што рече еден млад архитект од Скопје (чие име не го запамтив), посебно за оние градби кои се дел од идеологијата на власта.
Оттука, не мислам дека може нешто посебно да се направи во врска со новата архитектура во градот само со архитектонски дебати. Ми се чини дека е потребен поширок политички (или ако сакате општествен) ангажман за да се постигне нешто повеќео од само дебати на маргините на вниманието на пошироката јавност.
Posted by Новица at 14.6.09 0 comments
Labels: Архитектура, Идеи, Скопје
Читање на градот: Урбан простор и сеќавање 13.5.09
Од 10 до 16 мај 2009 година во Скопје се одржува работилница на тема „Читање на градот: Урбан простор и сеќавање“. Учесници на работилница се студенти по архитектура и урбано планирање од Македонија и Германија. Јас, како нестручен, повеќе бев заинтересиран за предавањата кои се случија првите два дена. Сега во тек е работниот дел од работилницата.
Имаше вкупно 9 предавања, од кои посебно интересни ми беа четири. Она на скопските студенти беше посебно емотивно, бидејќи беше поврзано и со настаните од 28.03, па за него нема да коментирам.
Предавањата започнаа за Максимилиан Хармут кој зборуваше за историјата, идентитетот и урбаниот простор. Иако предавање за ахритектура, сепак ова осветли некои од темите што секојдневно не окупираат денес во Македонија, како на пример што е тоа „идентитет“ или „(културно) наследство“. Исто така за можноста за „создавање на простор“ што ќе има некакво значење (како споменик или наследство).
Потоа Стефани Херолд зборуваше за тоа како за (ре)конструкцијата на историските згради (и споменици) во Германија. Општиот впечаток што го добив во врска со ова е дека во Германија има многу повеќе јавна дебата за тоа што и како да се реконструира и дека иницијативите се најчесто граѓански. Вмешаноста на политичарите е мала, ако воопшто и постои. Но, како што вели Стефани, најчесто она што се реконструира не е историската зграда, туку на некоја идеја за историјата и се дава облик.
Од презентациите на локални теми, ми се допадна онаа на Константин Димитровски (одлично структурирана и јасна) кој зборуваше за урбаното јадро на старо Скопје (чаршијата и просторот околу неа), како таа се развивала во изминатиов период и како различните власти различно се однесувале кон тој дел од градот. Чинам, некако општо прифатено е дека сите сакаме да ја „зачуваме“ чаршијата. Сепак, колку што можев да разберам од презентацијта, ова воопшто не е така – денес просторот на чаршијата се смалува.
Конечно, Инес Толиќ зборуваше за Скопје како незавршен проект, поточно за плановите за изградба на Скопје по земјотресот и зошто е одбран Танге. Според неа, проектот на Танге, како нај величенствен е и оној што не можело да биде изграден (баш како што и не е). Друг проект, на извесен Ернест Вајсман според неа е вистинскиот за Скопје. Тој иако не бил одбран, Скопје природно, по многу нешта како да се развива по него, особено имајќи ја предвид повторно желбата да се зачува некои стари делови на градот како чаршијата или некое маало.
Тоа се отприлика работите кои ми оставија впечаток. Ако не ги пренесов баш најдобро, имам оправдување дека сето ова за мене е нова територија. :)
Работилницата завршува со презентација на германските и македонските студенти (и други учеснцици) на 16 мај во 20 часот во „Точка“.
Posted by Новица at 13.5.09 0 comments
Labels: Меморија, Наследство, Скопје, Споменици
Домувањето во транзицијата во Скопје 8.5.09
Во презентација што беше најблиску до TED од она што сум видел во Скопје, во средата 06.05.2009 год. на Архитектонскиот факултет, Јован Ивановски објаснуваше како се гради денешно Скопје.

Фокусот беше станбената изградба од 1990 па до денес. Презентацијата започна со објаснување на околностите во кои се случува оваа архитектура, имено распадот на СФРЈ и преминот од социјализам во капитализам. Аргументацијата што беше презентиран тука: тоа дека развојот што се случува е неминовен исход од појавата на приватната сопственост и развојот на претприемништвото за мене беше најмалку убедливиот дел од целата презентација. Но, можеби каузалноста за која говореше Јован е подобро објаснета во неговиот труд.
Истражувањето на станбената изградба се однесуваше на 4 примери од Скопје: Карпош 2, Буњаковец, Расадник и Злокуќани. Изградбата целосно е фокусирана на парцелите, т.е. речиси сѐ се гради на имот на 1 сопственик.
Во Карпош, како што вели Јован, настанува задебелување на зградите (замислете пример со реклама за слабеење, само обратно). Зградите се изменуваат со ѕидање на терасите и кревање на поткровје, при што некои добиваат и нови фасади. Оваа постапка има два посредни ефекти: зголемување на цена на становите и шаренило во изгледот онаму каде што сите станари не можат да си дозволат доградување.
Во Буњаковец, пак преовладува некаков концепт на билдање. Таму старите мали куќи се заменуваат со огромни згради кои ја исполнуваат парцелата во целост, т.е. не остануваат дворови. Има обиди лошата архитектура да се замаскира со боја. Сите ги користат до максимум дозволите од урбанистичкиот план и населбата во целост расте нагоре до 3-4 кат.
Расадиник има масивна изградба на згради секоја на своја парцела, иако можеби поправилно би било да се прави некакво комбинирање на парцелите. Карактеристично за таму било преголемата употреба на симетрија. Да бидам искрен не ја фатив поентата на ова во целост.
Злокуќањи е македонската верзија на „Slumdog Millionaire“... ако никогаш не сте биле натаму, присетете се на сцените од ѓубришта и стокатница сместени едно до друго во Мумбаи. Во Злокуќањи нема стокатница, туку елтина населба, а резот е поочигледен, со ѕид кој ги дели двете населби на македонската елита и македонската сиромаштија. Со интересна поента, Јован обајсни, дека таму она што едните го сметаат за отпад од своите вили, другите го користат за да ги изградат своите куќи.
Меѓу интересните податоци што беа споменати се дека и: вложените пари во станбена изграда во транзицискиот период се најголемите инвестиции во земјава. Тие секоја година се повисоки од странските директни инвестиции. Потоа, додека во изградба на станови се вложуваат стотици милиони евра, во училишта се вложени само 300.000 (и ми се чини ова е податок за последната година, не сум сигурен, не успеав да запамтам). (Баш ме интересира дали има податоци за учеството на изградбата во раст на БДП или пак во однос на другите економски активности).
Конечно, од сите станбени згради што се изградени речиси ниту една не учествувала на некоја архитектноска изложба. Речиси ниту еден од архитектите не сметал дека направил доволно добро архитектонско дело за да го пријави на биеналето што се одржува во Скопје.
Јован Ивановски не зазеде став во врска со тоа дали ова што му се случува на Скопје е добро или лошо. Кон крајот рече дека ова што се случува сега е одлично за секој истражува и со тоа целосно се сложувам. Македонија и во архитектурата е една голема лабораторија.
За оние заинтересирани за темата: ми се чини дека предавањето беше снимано, па можеби ќе се појави некаде на Интернет.
Posted by Новица at 8.5.09 0 comments
Labels: Архитектура, Скопје
Ретроградниот развој на Скопје 7.4.09
По текстовите на Крстева и Вилиќ, уште еден интересен текст кој многу прецизно ги открива пораките на новото градење во Скопје. Тексто во целост е објавен на блогот Скопје2803, блог на македонски и странски архитекти кои го следат настанот од плоштадот од повеќе различни аспекти.
Текстот е на архитектот Блаж Крижник и антропологот Горан Јанев. (PDF тука.)
Накратко, она штого објаснуваат овие двајца е дека Скојпе се трансформира од отворен град во национален главен град, што е спроти моменталните тежнеења на големите градови и што е прилично зад времето, а дека истот се прави од позиција на политичка моќ.
Можеби сликата што е ставена како илустрација најдобро го објаснува ова ова:
Скопје се враќа назад во 19 и ран 20 век, кога сите други важни градови одат напред. Ако по земјотресот бил пред времето, сега ќе биде зад времето, а се чини дека мнозинството скопјани се океј со ваквиот развој на настаните.
Па покрај Поранешна Југословенска Република Македонија сега ќе имаме и Поранешен отворен град Скопје.
Posted by Новица at 7.4.09 0 comments
Labels: Архитектура, Политика, Скопје
Расипничка локална самоуправа... 6.4.09
Се возам денес со автобус кон работа и приметувам дека почнале да копаат на партизанска и да ставаат некои нови банкини-жардињери по средина на булеварот.
Се прашувам зошто ли зошто трошат пари на тоа кога цела партизанска е со дупки? Зошто не ги потрошат парите на нов асфалт?
Posted by Новица at 6.4.09 0 comments
Labels: Локална самоуправа, Скопје, Улици
Отворање на новата зграда на НЛБ Тутунска банка 24.1.09
На локацијата каде што требаше да има катна гаража изникна новата зграда на НЛБ Тутунска банка. Отворањето беше на 23.01.2009 г.
А на отворањето беа речиси сите главни банкари од Републикава.
Posted by Новица at 24.1.09 0 comments
